Предновогодишна фишинг измама со лажни пораки од „Пошта“

МКД-ЦИРТ предупредува за активна фишинг кампања во која граѓаните добиваат лажни пораки (најчесто преку Viber/СМС) со навод дека имаат пратка што треба итно да се подигне или потврди.

Пораките водат до лажни веб-страници што се претставуваат како страници на Пошта, каде се бара внес на лични податоци и податоци од платежни картички (вклучително и CVV). Сајтовите често содржат очигледни јазични грешки и се менуваат често, со цел да се избегне блокирање.

Важно:

  • Пошта не бара внес на податоци за платежни картички преку вакви пораки
  • Пратките не се враќаат веднаш, особено не за време на празници
  • Не постои „итност“ за потврда на пратка на 31 декември

Препораки:

  • Не кликнувајте на линкови од сомнителни пораки
  • Не внесувајте лични или финансиски податоци
  • Избришете ја пораката и пријавете ја како измама
  • Доколку сте внеле податоци, веднаш контактирајте ја вашата банка

МКД-ЦИРТ веќе постапува по оваа кампања и продолжува со мониторинг и координација за нејзино ограничување.

Бидете внимателни и не дозволувајте празничната брзина да ве доведе во ризик.