Извештај од спроведено испитување на јавно мислење на граѓаните во врска со сајбер безбедност

Почитувани,
Агенцијата за електронски комуникации и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT објавуваат Извештај од Испитување на јавно мислење – теренска анкета за јавно мислење на граѓаните во врска со сајбер безбедност, што ја спроведе Маркет Висион ДООЕЛ од Скопје.
Анкетирањето беше спроведено во периодот од 14 до 28 септември, 2022 година, на примерок од 1400 испитаници. Примерокот е репрезентативен на ниво на Република Северна Македонија според регион, пол и возраст, според податоците од Пописот на население од 2021 година од Државниот завод за статистика.

Извештајот може да го преземете од следниот линк:

Извештај од спроведена теренска анкета за јавно мислење на граѓаните во врска со сајбер безбедност

Следуваат некои од наодите по направена анализа од собраните податоци со теренската анкета:
Најголем дел од испитаниците, интернетот го употребуваат за социјални мрежи и комуникација.
Злоупотребата на личните податоци е причина која најмногу ги загрижува испитаниците при користење на интернет активности, одговор кој го дале нешто повеќе од половина или 51,6% од испитаниците. Безбедноста при онлајн плаќање и неможноста за физичка проверка на производите се исто така важни фактори кои предизвикуваат загриженост кај испитаниците, одговор кој го дале приближно 47% од нив.
Три најважни активности кои испитаниците ги преземаат за заштита на приватноста при користење на интернет се инсталација на анти вирус (39,2%), посета само на познати веб страни во кои имаат доверба (36,0%) и користење само на личен компјутер (35,2%).
Во поглед на практиките за поврзување на интернет на јавни места, половина од испитаниците се поврзуваат на мобилен hotspot од својот мобилен уред, како и на мрежа која е достапна и заштитена со лозинка, додека 13,4% од испитаниците никогаш не се поврзуваат на интернет на јавни места. Помладите испитаници, за разлика од повозрасните повеќе користат интернет на јавни места.
Приближно три четвртини или 71,9% од испитаниците се изјасниле дека преземаат мерки на безбедност при користење на нивните уреди.
Доколку се земат сите испитаници во предвид, 57,3% користат анти вирусна програма. Најголем дел или 82,9% од испитаниците ги ажурираат програмите, апликациите и оперативните системи на нивните уреди.
Нешто повеќе од три четвртини или 77,5% од испитаниците користат лозинка за пристап на уредите што ги користат. Кај најголем дел од испитаниците, лозинките се состојат од комбинација на букви, броеви и симболи, одговор кој го дале 79,3% од нив. Околу 20% од испитаниците не можат односно не знаат да препознаат сигурна лозинка, при што голем дел од нив се оние кои користат лични податоци како лозинка. Приближно половина од испитаниците ги помнат лозинките и не ги запишуваат, додека околу една третина ги запишува физички во тетратка или пак ги чува во компјутер или мобилен телефон. Една третина од испитаниците нема направено промена на лозинките во последните 12 месеци. Поголем дел или приближно две третини од испитаниците не користат дво факторска идентификација, и тоа најчесто поради тоа што не знаат што претставува истата.
Нешто повеќе од една третина од испитаниците чуваат безбедносна копија од важните податоци на надворешни уреди или cloud. Најголем дел од оние кои чуваат безбедносни копии, истото го прават поретко од 2, 3 пати месечно.
Приближно половина од испитаниците сметаат дека не се воопшто или пак не се доволно информирани за ризиците од сајбер криминалот. Главен извор на информирање во врска со сајбер безбедност се интернетот и останатите медиуми.
Околу 60% од испитаниците се согласуваат дека нивните лични податоци не се безбедно чувани од страна на веб страниците.
Околу 60% од испитаниците се согласуваат дека нивните лични податоци не се безбедно чувани од страна на јавните сервиси или институции.
Околу 15% од испитаниците се изјасниле дека биле жртви на сајбер криминал или онлајн вознемирување.
Поголем дел или 71,1% од испитаниците не знаат дека постои или пак сметаат дека не постои веб страница, контакт адреса и е пошта, контакт броеви или слично во државата на кои може да се пријави сајбер криминал или нелегални интернет активности.
Најкористени социјални мрежи или апликации се Facebook со 88,3% и Viber со 88,6% од испитаниците кои ги користат. Испитаниците кои користат социјални мрежи најчесто го оставаат вистинското име и лични фотографии.

Со почит,

 

Агенција за електронски комуникации

Check Also

DuckTail (кампања) – нов малициозен софтвер за крадење информации напишан во PHP што ги таргетира сметките на Facebook

Брзо ширење на новата Ducktail фишинг кампања со малвер за крадење информации напишан во PHP …