Почеток / Малвер (MalWare)

Малвер (MalWare)

Заштити се на Интернет од МАЛВЕР!

ЗАШТИТА ОД МАЛИЦИОЗЕН СОФТВЕР

Малициозен софтвер (познат како „малвер” – анг. malware) е софтвер кој може да ви наптети преку бришење на важни податоци, злоупотреба на вашите уреди за напади и уцени преку заклучување или шифрирање на документите, како што беше неодамнешната појава на WannaCry и NonPetya. Најпозната форма на малициозен софтвер се вирусите, програми кои се само-реплицираат и го заразуваат легитимниот софтвер. Следуваат 5 едноставни совети за имплементирање кои можат да помогнат во заштита од малициозен софтвер и спречување на штета.

СОВЕТ 1: КОНТИНУИРАНО АКТИВЕН И АЖУРИРАН АНТИВИРУСЕН СОФТВЕР

Антивирусниот софтвер кој честопати е вклучен бесплатно во популарните оперативни системи, треба да се користи на сите компјутери, лаптопи, таблети и смартфони. Голема е веројатноста дека вашиот компјутер и мобилен уред веќе имаат антивирусна софтверска заштита што доаѓа со самиот уред, но истата вообичаено е бесплатна и нуди минимална заштита. Сепак размислете за набавка на лиценцирани комерцијални решенија за антивирусна заштита кои ќе ја подобрат безбедноста на уредите.

СОВЕТ 2: ВКЛУЧЕТЕ ЗАШТИТЕН/ОГНЕТ ЅИД (FIREWALL)

Заштитните ѕидови создаваат „тампон-зона“ помеѓу вашата компјутерска мрежа и надворешните мрежи како што е Интернетот. Најпопуларните оперативни системи вклучуваат бесплатен огнен ѕид, кој е едноставен за активирање и препорачливо е да биде постојано вклучен.

СОВЕТ 3: НЕ СИМНУВАЈТЕ СОМНИТЕЛНИ АПЛИКАЦИИ

При симнување или инсталирање од Интернет на уредите, треба да се користат исклучиво апликации и веб-страници од е-продавници одобрени од производителот на оперативниот систем (за мобилните телефони и таблетите тоа се Google Play Store или Apple App Store). Овие апликации се проверуваат од страна на производителот на оперативниот систем за да обезбедат одредено ниво на заштита од малициозен софтвер што може да предизвика штета. Не симнуивајте и не исталирајте апликации од трети лица, од непознати добавувачи/извори или пиратски софтвер, бидејќи истите не се проверени и најчесто содржат вируси или друг малициозен код.

Воведете користење на „администраторски“ кориснички сметки само во исклучителни случаи. Корисничките сметки за секојдневно користење треба да имаат само пристап кој е доволен за извршување на нивната улога, со дополнителни дозволи (т.е. за администраторите) кои им се даваат само на оние на кои им се потребни. Кога се креираат администраторските сметки, истите треба да се користат само за таа конкретна задача, при што за секојдневните работни задачи се користат стандардни кориснички сметки. Не дги извршувајте секојдневните работни задачи на компјутер најавени како администратори.

СОВЕТ 4: ОДРЖУВАЈТЕ ЈА ИНФОРМАТИЧКАТА ОПРЕМА АЖУРИРАНА (НАВРЕМЕНО ИНСТАЛИРАЊЕ НА ЗАКРПИ – PATCHING И АЖУРИРАЊЕ – UPDATING)

За информатичката опрема (компјутери, лаптопи, мобилни телефони и таблети), осигурете дека софтверот и фирмверот се секогаш ажурирани со најновите верзии од производителите и добавувачите на софтвер и хардвер. Примената на овие надградби (процес кој е познат како инсталација на закрпи или „печинг“ – ang. patching) е една од најважните работи што можете да ги направите за да ја подобрите безбедноста. Оперативните системи, апликациите, мобилните телефони и таблетите треба секогаш кога е можно да бидат поставени на „автоматско ажурирање“.

Кога ќе заврши официјалната поддршка за надградби која ја пружа производителот на уредот или апликацијата, треба да размислите за ризиците од понатамошното користење на тој уред или софтвер бидејќи новите откриени слабости нема да бидат санирани со закрпи од производителот, што ќе ја зголеми ранливоста за напади и ќе го зголеми ризикот по работењето. По истек на официјалната поддршка на производителите за уредите и софтверите што ги користите, размислете за можноста истите да се заменат со нови.

СОВЕТ 5: КОНТРОЛА ПРИ КОРИСТЕЊЕТО НА USB – ДИСКОВИ И МЕМОРИСКИ КАРТИЧКИ

USB-дискови и мемориски картички денес масовно се користат за пренос на датотеки помеѓу организации и луѓе. Доволно е само еден невнимателен корисник ненамерно да приклучи инфициран мемориски уред (USB-диск што содржи малициозен софтвер) за да направи штета. Бидејќи тие слободно се споделуваат и често се користат за приватни и службени работи, тешко може да се следи што тие содржат, каде биле и кој ги користел. Веројатноста за инфекција преку користење на USB-диск или картичка може да ја намалите со:

  • блокирање/забрана за пристап до физичките USB порти од уредот или компјутерот;
  • користење на антивирусни алатки кои при секое приклучување на меморискиот уред кон компјутерот ќе ја провери содржината на уредот;

Направете ги овие правила дел од вашето секојдневно користење на ИТ опремата и работењето на Интернет.Размислете за поволностите од раземна на датотеки преку е-пошта или со користење на услуги за складирање во облак.