Откриен е софистициран комплет од алатки за фишинг (phishing) кој е мошне ефективен за крадење на параметрите за најава и корисничките детали од корисниците на PayPal.
Што е фишинг?
Фишингот е облик на измама кој опфаќа збир на активности на злонамерни напаѓачи преку користење лажни пораки од е-пошта и лажни веб страници на поголем дел од финансиските организации, обидувајќи се од жртвите да добијат доверливи податоци како што се ЕМБГ, корисничко име, податоци од кредитни картички, ПИН и сл. Штом ќе дојдат до доверливите податоци, злонамерните испраќачи или сами ги користат или ги продаваат. Во пораките најчесто се повикуваат на лажни веб страни, кои според изгледот целосно одговараат на веб страните на легитимните компании.
Како функционира нападот?
Напаѓачите го користат комплетот алатки за фишинг за развој на напредни фишинг страници кои можат да ги прибираат корисничките детали и параметрите за најава во повеќе различни чекори, а резултатите ги снимаат во позадина. На овој начин, напаѓачите можат да ги валидираат податоците веднаш штом корисникот ќе ги испрати, односно во реално време. Комплетот алатки за фишинг проверува дали PayPal адресата за е-пошта е валидна, проверува дали параметрите за најава се вистински и дали броевите на кредитните кратички се точни и го задоволуваат Луновиот (Luhn) алгоритам. Повеќето фишинг страници кои се пронајдени досега не ги прават овие контроли.
Овој комплет алатки за фишинг е напреден затоа што доаѓа со позадински графички кориснички интерфејс, со кој напаѓачите можат едноставно да крерираат фишинг страници. Друга специфика е можноста за правење „селфи“, односно поврзување со камерата и снимање фотографија од жртвата, која понатаму може да биде искористена во биометриски системи од страна на напаѓачите.
Финансиските фишинг шеми обично бараат развивање на фишинг страници кои се специфични за банката и за регионот. Популарноста и интернационалната распространетост на PayPal им овозможуваат на напаѓачите со да ја развијат фишинг страницата само еднаш, а истата страница да ја користат за напади во различни региони. Овој комплет алатки за фишинг им овозможува на напаѓачите кориснички интерфејс и готови темплејти за фишинг страници, со што многукратно се олеснува прибирањето на податоците од жртвите. Со вакви алатки напаѓачите можат многу ефикасно да ги таргетираат корисниците на PayPal, но и корисниците на други системи за он-лајн финансиски трансакции.
Како да се заштитите од фишинг?
1. Научете да ги идентификувате спам пораките. Тие обично доаѓаат од непознати испраќачи и не се персонализирани (не се обраќаат до Вас по име и презиме). Спам пораките ќе ги препознаете и по тоа што со користење на закани и заплашување се обидуваат да Ве натераат да реагирате брзо и без промислување, и со тоа да откриете или финансиски податоци.
2. Испраќање на лични податоци и финансиски трансакции извршувајте исклучиво преку безбедни веб-страници (HTTPS://). Безбедните веб-страници обично се обележани со икона со катанец во статус-барот, кој обично се наоѓа во горнит лев дел од веб-прелистувачот (browser). Со двојно кликање на иконата може да се проверат информациите за сопственикот на веб-страницата и валидноста на дигиталниот сертификат.
3. Никогаш немојте да кликате на линкови или да отварате датотеки прикачени во пораки од е-пошта добиена од непознати испраќачи. Дури и ако го познавате испраќачот, прикачените датотеки отварајте ги единствено ако ги очекувате.
4. Внимавајте на линковите во пораките од е-пошта кои бараат лични податоци, дури и ако пораката доаѓа од компанија со која соработувате. Фишинг страниците можат целосно да го копираат изгледот на веб-страницата на легитимна компанија, и со тоа да изгледаат автентично. За да бидете безбедни, не кликајте на линкот туку пристапете на веб-страницата на компанијата така што самите ќе ја впишете адресата во веб-прелистувачот.
5. Внимавајте на pop-up прозорците: никогаш не внесувајте лични податоци и не кликајте на линкови во pop-up прозорец.
6. Заштитете го Вашиот компјутер со фајрвол, спам филтри, анти-вирусен и анти-спајвер софтвер, и ажурирајте ги овие софтвери редовно за да се осигурате дека ги блокирате и новонастатите закани.
7. Редовно проверувајте ги Вашите он-лајн сметки во финансиски институции за да се обезбедите дека не се извршени неавторизирани трансакции.
8. Користете добри лозинки и често менувајте ги. Не користете иста лозинка за различни потреби.
9. Бидете во тек со случувањата – редовно следете ги информациите за фишинг измами.
Извор: bleepingcomputer.com