Истражувачи тврдат дека откриле два начина за далечинско извршување код (RCE) со кои се заобиколуваат новите Android безбедносни заштити на Telegram

Злонамерен додаток (widget) може да го заобиколи безбедносниот филтер што Telegram го додаде во својата Android апликација минатата недела и да овозможи извршување код надвор од него, тврди NebuSec, компанија за сајбер-безбедност.

Додатоците (widget-и) се мали интерактивни елементи што ботовите ги испраќаат во рамките на разговорите, а нивниот JavaScript-код се извршува на телефонот на корисникот. Истражувачите ја извршиле својата демонстрација на тест-сервер на Telegram, бидејќи на активната услуга во моментов само одобрени ботови можат да испраќаат додатоци.

Ботовите добија можност да испраќаат додатоци минатата недела. Два дена подоцна, профил со име V12 објави видео на X, тврдејќи дека секоја порака на Telegram сега може да се искористи за извршување далечински код.

По ова, Telegram го премести QuickJS, малиот JavaScript-енџин што го извршува кодот на додатоците, во посебен процес на Android. Дополнително, воведе и seccomp филтер, кој може да ги блокира или евидентира системските повици што ги извршува процесот.

Двете промени се присутни во изворниот код што Telegram го објави за верзијата Telegram for Android 13.2.2 (7303).

Во техничката анализа објавена претходно оваа недела, NebuSec наведува дека нивните истражувачи успеале да извршат код надвор од заштитата на овој филтер на два различни начина.

Едниот начин користи ранливост во додаток што не е опфатена со филтерот, додека другиот комбинира ранливост во додаток што е опфатена со филтерот со ранливост во kernel-от.

Во нивното видео, додаток на Telegram бот, извршен на Android 13.2.2 (7303), го заобиколува безбедносниот филтер и ја отвора апликацијата калкулатор на телефонот, тврдат истражувачите.

Во техничкиот извештај и демонстрациската објава на X не е наведено до кои други податоци и функционалности би можел да пристапи извршениот код, како што се пораките во апликацијата или останатите податоци на телефонот.

Исто така, не е наведено дали корисникот морал претходно да го стартува ботот или да кликне на додатокот за да се активира нападот.

Истражувачите засега не ги објавуваат техничките детали. Во нивниот извештај не е наведена CVE-ознака, ниту е потврдено дали ранливостите биле пријавени кај развивачите на апликацијата.

Како функционираат ранливостите?

Во документацијата за додатоците се наведува дека тие работат во изолирана околина (sandbox), со безбедносни ограничувања како забрана за мрежен пристап.

Според истражувачите, овие правила се имплементирани во самиот код на JavaScript-енџинот.

Една единствена ранливост од типот Use-After-Free или Out-of-Bounds Write во QuickJS може да му овозможи на скриптниот код да чита и запишува во меморијата на процесот. Во таков случај, безбедносните правила на sandbox-околината повеќе не обезбедуваат соодветна заштита.

Новиот seccomp филтер дефинира неколку десетици системски повици, како што се ptrace, bpf и mount, кои може да бидат блокирани, додека сите останати системски повици се дозволени.

Истражувачите забележуваат дека во изворниот код на филтерот, системскиот повик ioctl не е опфатен со ограничувањата.

Филтерот функционира како дополнителен безбедносен слој врз постојните ограничувања на Android за процесот во кој работи JavaScript-енџинот.

Истражувачите, исто така, предупредуваат дека еден ист процес ги извршува сите додатоци. Тоа значи дека компромитиран додаток од еден бот ја дели меморијата со додатоците на сите други ботови, што потенцијално може да создаде дополнителен безбедносен ризик.

The Hacker News

Во објавениот изворен код за Telegram for Android 13.2.2 (7303), The Hacker News открил дека безбедносниот филтер е поставен во режим за ревизија (audit mode). Во овој режим, филтерот и понатаму ги блокира обидите за стартување нови програми или процеси, но останатите наведени системски повици само ги евидентира, без да го спречи нивното извршување.

Коментарот над поставката открива колку долго треба да трае оваа состојба: „Режимот за ревизија ќе остане активен сè додека логовите од уредите не покажат дека енџинот никогаш не ги извршува овие повици.“

Објавениот изворен код не покажува дали верзијата што корисниците ја инсталираат ја користи истата поставка.

„Да, во моментов, обичните ботови немаат дозвола да користат додатоци, дури ни во приватните разговори“, напиша кон крајот на минатата недела еден соработник на проектот telegram-bot-api во дискусија за пријавена грешка на GitHub.

До оваа недела, во дискусијата немало понова порака што појаснува кои ботови сè уште имаат дозвола да користат додатоци или дали ограничувањето е укинато.

Во извештајот на истражувачите не е наведена верзија во која пропустите се поправени. Исто така, објавениот изворен код за Android не содржи верзија понова од 13.2.2 (7303), заклучно со оваа недела.

„Никој не може да биде хакиран само со примање порака“, напиша кон крајот на минатата недела Павел Дуров, извршниот директор на Telegram, во објава на каналот.

Неговата објава се однесуваше на извештаите за извршување код преку додатоци во Android и Windows апликациите и беше објавена пред демонстрацијата на истражувачите.

Тој додаде дека корисникот најпрво морал да активира услуга од трета страна, а дека дури и тој проблем веќе бил целосно отстранет со поправка на серверската страна.

Компанијата претходно соопшти дека проблемот во првата демонстрација на V12 бил отстранет и дека поправката веќе им била достапна на сите корисници.

Kaspersky открива сомнителни напади преку Telegram додатоци

Одделно, компанијата за сајбер-безбедност Kaspersky кон крајот на минатата недела соопшти дека открила сомнителни обиди за искористување на ранливост во Telegram додатоците, кога корисниците посетувале одредени Telegram канали.

Во рамките на овие активности, PowerShell скрипта се извршувала без знаење на корисникот, а потоа го преземала и активирала малициозниот софтвер WebRAT, познат и како Salat Stealer.

Овој малициозен софтвер им овозможува на напаѓачите да преземат контрола врз заразениот систем и да украдат податоци од крипто-паричници и Telegram кориснички сметки.

Во своето безбедносно предупредување, Kaspersky не ја идентификува конкретната ранливост, ниту верзијата на Telegram што била погодена. Не е наведен ниту бројот на потенцијални жртви, а активностите не се поврзани со ниту една од двете објавени демонстрации на истражувачите.

Kaspersky им препорачува на корисниците да не извршуваат Telegram додатоци сè додека не биде објавена соодветна безбедносна поправка.

Извори:

  • The Hacker News – Researchers Claim Two RCE Exploits That Bypass Telegram’s New Android Defenses The Hacker News
Преглед на приватноста
MKD-CIRT – Национален центар за одговор на компјутерски инциденти

Оваа веб-страница користи колачиња за да ви обезбеди најдобро можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се складираат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како препознавање кога се враќате на нашата веб-страница и им помагаат на нашите програмери да разберат кои делови од веб-страницата ви се најинтересни и најкорисни.

Строго неопходни колачиња

Строго неопходните колачиња треба да бидат овозможени во секое време за да можеме да ги зачуваме вашите поставки за колачиња.