Преглед на приватноста

Оваа веб-страница користи колачиња за да ви обезбеди најдобро можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се складираат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како препознавање кога се враќате на нашата веб-страница и им помагаат на нашите програмери да разберат кои делови од веб-страницата ви се најинтересни и најкорисни.

Строго неопходни колачиња

Строго неопходните колачиња треба да бидат овозможени во секое време за да можеме да ги зачуваме вашите поставки за колачиња.

RFC 2350

MKD-CIRT · Опис на тимот според RFC 2350

RFC 2350 MKD-CIRT

Национален центар за одговор на компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации, Република Северна Македонија. Кој сме, за кого сме надлежни, како да не контактирате и што да очекувате од нас.

Верзија 2.0Објавено 01.09.2026Ја заменува v1.0 (01.02.2015)
1

Информации за документот

1.1Цел и намена

Овој документ го опишува Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (MKD-CIRT) во согласност со RFC 2350. Наменет е за конституентите на MKD-CIRT, партнерските CSIRT тимови, надлежните органи, истражувачите на безбедноста и пошироката јавност, со цел јасно да се утврди кој е MKD-CIRT, за кого е надлежен, како може да се контактира и што може да се очекува од него.

1.2Датум на последното ажурирање

Ова е верзија 2.0, објавена на 01.09.2026 година, и ја заменува верзијата 1.0 од 01.02.2015 година во целост.

1.3Известување за измени

Секоја измена на овој документ се објавува на официјалната веб-страница на MKD-CIRT. Значајните измени на каналите за контакт и пријавување дополнително се соопштуваат и преку другите официјални канали на MKD-CIRT и на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

1.4Локација на документот

Тековната верзија на документот е секогаш достапна на: https://mkd-cirt.mk/rfc-2350-2/

1.5Автентичност на документот

Автентичната верзија на документот е онаа објавена на официјалниот домен mkd-cirt.mk.

1.6Идентификација на документот

НасловRFC 2350
Верзија2.0
Датум на објавување01.09.2026
ВажењеДо објавување на следна верзија
Ознака за споделувањеTLP:CLEAR – без ограничување на дистрибуцијата

1.7Кратенки

КратенкаЗначење
АЕКАгенција за електронски комуникации
CSIRTComputer Security Incident Response Team – тим за одговор на компјутерски безбедносни инциденти
CVDCoordinated Vulnerability Disclosure – координирано откривање на ранливости
FIRSTForum of Incident Response and Security Teams
IOCIndicator of Compromise – показател на компромитираност
MKD-GOV-CSIRTТим за одговор на компјутерски инциденти за органите на извршната власт
PGPPretty Good Privacy
TLPTraffic Light Protocol
ЗБМИСЗакон за безбедност на мрежни и информациски системи
2

Контактни информации

2.1Назив на тимот

Целосен називНационален центар за одговор на компјутерски инциденти
Кратко имеMKD-CIRT
Организациска положбаОрганизациона единица во состав на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК)

2.2Адреса

Агенција за електронски комуникации – Национален центар за одговор на компјутерски инциденти, ул. „Кеј Димитар Влахов“ бр. 21, 1000 Скопје, Република Северна Македонија

2.3Временска зона

CET – CEST.

2.4Телефонски броеви

НаменаБрој
Пријавување на инциденти+389 2 3091 232
Централа на АЕК+389 2 3289 200

Дополнителните контакти и дежурните канали се објавуваат на официјалната веб-страница на MKD-CIRT.

2.5Електронска пошта и веб-канали

КаналНамена
soc@mkd-cirt.mkПријавување инциденти и техничка координација
info@mkd-cirt.mkОпшти прашања и информации
https://mkd-cirt.mk/Официјална веб-страница и веб-формулар „Пријави инцидент“
https://cvd.mkd-cirt.mk/Портал за пријавување ранливости (CVD)

2.6Јавни клучеви и шифрирање

Двете адреси за е-пошта (soc@mkd-cirt.mk и info@mkd-cirt.mk) го користат истиот PGP клуч:

Key ID0x333C00DB
Тип на клучRSA 4096
Fingerprint0FB9 3DA3 E008 FA8B FC6A  9C71 0741 17A1 333C 00DB

Јавниот клуч е објавен на веб-страницата https://mkd-cirt.mk/pgp-kluch/ и на големите јавни сервери за клучеви. Пред употреба, отпечатокот (fingerprint) на преземениот клуч треба да се спореди со горенаведениот.

  • Пораките што ги испраќа MKD-CIRT се потпишуваат со овој клуч.
  • Чувствителните информации упатени до MKD-CIRT (известувања за инциденти, технички показатели, детали за ранливости) треба да се шифрираат со овој клуч.
  • Обична нешифрирана е-пошта не е соодветна за пренос на високочувствителни или класифицирани информации.

2.7Членови на тимот

MKD-CIRT го сочинува овластен стручен персонал на АЕК. Имињата на членовите на тимот не се објавуваат јавно; одговорните лица се идентификуваат во комуникацијата преку службените канали.

2.8Работно време и достапност

MKD-CIRT одржува повеќе канали за контакт и обезбедува континуитет на услугите. Распоредот на дежурства, резервните канали и постапувањето надвор од редовното работно време се уредени со интерни процедури. При прекин на основен канал, комуникацијата се пренасочува преку другите официјално објавени канали.

3

Повелба

3.1Мисија

Мисијата на MKD-CIRT е да придонесува кон националната сајбер отпорност преку следење и анализа на закани и ранливости, рано предупредување, прием и координација на пријави за инциденти, техничка поддршка, размена на информации и градење на капацитети кај конституентите.

3.2Конституенти

Конституенти на MKD-CIRT се суштинските и важните субјекти, како и другите организации за кои MKD-CIRT е надлежен согласно Законот за безбедност на мрежни и информациски системи и актите за распределба на надлежностите меѓу CSIRT тимовите.

3.3Припадност и институционално разграничување

MKD-CIRT функционира како посебен сектор во рамките на АЕК. Министерството за дигитална трансформација и MKD-GOV-CSIRT (тимот за одговор на инциденти за органите на извршната власт) ги извршуваат своите посебни законски улоги. MKD-CIRT учествува во законски утврдената национална и прекугранична координација, без да презема овластувања на други органи.

3.4Овластување и правна основа

MKD-CIRT ги извршува своите задачи врз основа на:

  • Закон за безбедност на мрежни и информациски системи („Службен весник на РСМ“ бр. 135/2025), и подзаконските акти.

3.5Законски задачи

-Следење и анализа на сајбер закани, ранливости и инциденти
-Рано предупредување, предупредувања, совети и релевантни информации до конституентите
-Координиран одговор, поддршка при инциденти и анализа на технички показатели
-Динамична анализа на ризик и ситуациска свесност во рамките на надлежноста
-Проактивно, ненаметливо скенирање на јавно достапни системи кога е дозволено со закон, без негативно влијание врз нивното функционирање
-Примена на стандардизирани практики и шеми за класификација и соработка со други CSIRT тимови
-Учество во национални и меѓународни механизми за координација на инциденти и кризи
4

Политики

4.1Видови инциденти и ниво на поддршка

MKD-CIRT постапува по сите видови сајбер безбедносни инциденти и закани што засегаат негови конституенти. Пријавите се евидентираат и класифицираат согласно Правилникот за стандардизирани практики и шеми за класификација (Таксономија). Приоритетот се определува врз основа на:

  • влијанието врз услугите и сериозноста на инцидентот;
  • критичноста на засегнатиот субјект и сектор;
  • бројот на засегнати субјекти и ризикот од ширење;
  • расположливите информации и показатели.

Предност имаат значајните инциденти и инцидентите со сериозно влијание врз конституентите. Нивото на поддршка е сразмерно на ризикот и во рамките на законските овластувања на MKD-CIRT.

4.2Законски рокови за известување за значајни инциденти

Субјектите со обврска за известување ги почитуваат рокови, сметано од моментот на дознавање за значајниот инцидент:

ФазаРокОснова
Првично известувањеВеднаш, најдоцна во рок од 3 часа (и за значајна сајбер закана)чл. 33 ст. 1
Рано предупредувањеВо рок од 24 часачл. 33 ст. 3 т. 1
Известување за инцидентотВо рок од 72 часачл. 33 ст. 3 т. 2
Привремен извештајНа барање на надлежниот CSIRTчл. 33 ст. 3 т. 3
Завршен извештајНајдоцна еден месец по известувањето од 72 часачл. 33 ст. 3 т. 4

4.3Соработка, интеракција и откривање на информации

Информациите за инциденти, лица, ранливости, системи и деловни процеси се обработуваат согласно прописите за доверливост, заштита на личните податоци и класифицирани информации. Информациите се споделуваат исклучиво по принципот „потреба да се знае“ и преку соодветно заштитени канали.

MKD-CIRT соработува со националните институции, секторските CSIRT тимови, надлежните органи, партнерските CSIRT тимови во странство и меѓународните организации. Без согласност на известувачот, MKD-CIRT не открива податоци што би можеле да го идентификуваат, освен кога тоа е законска обврска.

За означување на дозволениот опфат на споделување MKD-CIRT го применува Traffic Light Protocol (TLP) 2.0:

ОзнакаДозволено споделување
 TLP:REDСамо за именуваните примачи; без понатамошно споделување.
 TLP:AMBER+STRICTСамо во рамките на организацијата на примачот.
 TLP:AMBERВо рамките на организацијата на примачот и нејзините клиенти, по потреба да се знае.
 TLP:GREENВо рамките на заедницата на примачот; не и јавно.
 TLP:CLEARБез ограничување, во согласност со авторските права.

Ознаките TLP го определуваат опфатот на споделување, но не ја заменуваат законската класификација на информациите ниту обврските за доверливост.

4.4Комуникација и автентикација

  • Нешифрирана е-пошта и телефон се користат само за информации со ниска чувствителност.
  • Чувствителните информации се разменуваат шифрирано со PGP или преку други заштитени канали договорени со MKD-CIRT.
  • При сомнеж во идентитетот на испраќачот или при барање за откривање на доверливи податоци, MKD-CIRT врши дополнителна проверка преку независен, претходно познат канал.

4.5Евиденција на пријавените инциденти

MKD-CIRT води евиденција на пријавените инциденти согласно Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на евиденцијата. Податоците за регистрација, класификација, постапување, координација, статус и затворање се чуваат со ограничен пристап. Статистичките извештаи се изготвуваат со заштита на личните и доверливите податоци.

4.6Надзор и национално кризно управување

Надзорните овластувања ги вршат законски надлежните органи и овластените лица; MKD-CIRT обезбедува поддршка во рамките на своите надлежности. При инциденти од голем обем и сајбер кризи, MKD-CIRT постапува согласно националните планови и механизми за координација, во соработка со надлежните институции.

5

Услуги

Услугите на MKD-CIRT се усогласени со рамката FIRST CSIRT Services Framework и се обезбедуваат во рамките на законските надлежности и расположливите капацитети.

ПодрачјеУслуги
Управување со инцидентиПрием и тријажа на пријави; класификација; координација на одговорот меѓу засегнатите субјекти; анализа на инциденти, малициозни активности, показатели на компромитираност (IOC) и релевантни форензички податоци; препораки за ограничување и санирање.
Управување со ранливостиПрием и анализа на пријави за ранливости; национална CVD координација меѓу пријавувачите и производителите; технички известувања и безбедносни предупредувања.
Ситуациска свесностСледење на закани; рано предупредување и алармирање; динамична анализа на ризик; ненаметливо проактивно скенирање на јавно достапни системи во законски дозволениот опфат.
Размена на информацииРазмена на технички показатели и информации за закани со конституентите, партнерските тимови и институциите.
Пренос на знаењеСоветодавна поддршка, обуки, вежби и активности за подигнување на свеста.

5.1Координирано откривање на ранливости

MKD-CIRT е национален координатор за координирано откривање на ранливости во ИКТ производи и услуги. Во таа улога MKD-CIRT:

  • посредува меѓу пријавувачите и засегнатите производители или даватели на услуги;
  • ги идентификува и известува засегнатите субјекти;
  • обезбедува помош на пријавувачите и ги координира роковите за обелоденување, особено кај ранливости што засегаат повеќе субјекти.

Физичките и правните лица можат да пријават ранливост анонимно. MKD-CIRT ја штити анонимноста на пријавувачот согласно законската обврска и објавената CVD политика.

Информација / потврда за анонимноста на пријавувачот

5.2Услови за обезбедување на услугите

Проактивното скенирање, техничката анализа и поддршката на лице место се изведуваат само кога се исполнети законските, безбедносните и оперативните услови. Наведениот каталог не претставува гаранција за автоматско извршување на секоја услуга по барање.

6

Пријавување на инциденти и ранливости

6.1Пријавување на инцидент

Инцидент се пријавува преку веб-формуларот „Пријави инцидент“ на https://mkd-cirt.mk/ или по е-пошта до soc@mkd-cirt.mk.

6.2Пријавување на ранливост

Ранливостите се пријавуваат преку порталот https://cvd.mkd-cirt.mk/ или по другите канали утврдени во CVD политиката и процедурата објавени на веб-страницата на MKD-CIRT.

6.3Понатамошно постапување

По приемот, пријавата се евидентира, класифицира и ѝ се доделува приоритет. Пријавувачот се известува за приемот и, по потреба, се бараат дополнителни информации. Пријавите надвор од надлежноста на MKD-CIRT се препраќаат до надлежниот орган или тим, во согласност со правилата за законска размена на информации.

7

Одрекување од одговорност

MKD-CIRT презема разумни мерки за точноста на информациите во своите известувања, предупредувања и совети, но не презема одговорност за штета што би можела да произлезе од нивната употреба.

  • MKD-CIRT не презема контрола врз системите на конституентите и не врши редовно одржување на нивната инфраструктура.
  • MKD-CIRT не гарантира санирање на секој инцидент. Сопственикот или операторот на системот останува одговорен за своите системи и за исполнувањето на своите законски обврски.
  • Овој документ не заменува закон, подзаконски акт, надзорна методологија или поединечен акт на надлежен орган, вклучително и прописите за техничките и методолошките барања за управување со ризици.
  • Во случај на несовпаѓање меѓу овој документ и важечките прописи, се применуваат прописите.

MKD-CIRT · RFC 2350 · верзија 2.0 · 01.09.2026Тековна верзија: mkd-cirt.mk/rfc-2350-2/