Северна Кореја поврзана со PolinRider заразила над 7.600 GitHub складишта со цел ширење малициозен софтвер
Објавено: 27.11.2026
Зад кампањата PolinRider, чии активности се поврзуваат со Северна Кореја, се забележани заканувачки актери кои поставуваат Python loader во GitHub складишта (repositories). Новите докази укажуваат дека оваа активност можеби започнала уште во февруари 2025 година.
„Loader-от се крие во мал пакет наречен utils или во датотеката conftest.py“, соопшти SafeDep во извештај објавен оваа недела. „Кога Python ја вчитува датотеката, loader-от ја чита најновата трансакција што некој Ethereum паричник (wallet) ја испратил самиот на себе. Потоа ги декодира влезните податоци од таа трансакција како JavaScript и ги извршува со Node.js.“
JavaScript-кодот, од своја страна, чита податоци од втор паричник за да го лоцира командно-контролниот сервер (C2), а потоа ја проследува следната фаза до одвоена интерактивна Node.js околина преку процесот node -i.
Компанијата за безбедност на синџирот на снабдување софтвер (software supply chain security) соопшти дека го идентификувала loader-от во 375 јавни складишта кои припаѓаат на 260 кориснички сметки. Засега нема докази дека loader-от бил дистрибуиран преку PyPI или npm.
PolinRider е името доделено на злонамерна кампања поврзана со севернокорејски актери кои стојат зад сајбер-закани. Неодамнешните извештаи укажуваат дека оваа активност користи различни канали за дистрибуција на малициозен софтвер, меѓу кои се:
– Лажни кампањи за вработување: Се користат phishing-мејлови и лажни портали за вработување, како BlockNovas, AccuraSoftHire („accurasofthire[.]com“) и HuntRole („huntrole[.]org“), за да се измамат потенцијалните жртви и да се наведат да извршат проекти заразени со малициозен софтвер, под изговор дека станува збор за практична задача при процесот на селекција за работа.
– Објавување злонамерни пакети во екосистеми со отворен код: Се преземаат кориснички сметки на одржувачи (maintainers) и преку нив се поставува прикриен малициозен софтвер. За таа цел се користат лажни датотеки со фонтови (fa-solid-400.woff2, fa-solid-500.woff2 или fa-solid-300.llf), автоматски задачи за извршување во Visual Studio Code (VS Code), како и менување на Git историјата.
– Компромитирање на компјутерите на програмерите: Се крадат нивните GitHub токени, а потоа се користат за присилно поставување (force-push) злонамерни commit-и во складиштата со отворен код до кои имаат пристап.
На највисоко ниво, PolinRider loader-от презема шифриран Node.js payload од втората фаза, кој го скенира заразениот систем во потрага по инсталирани апликации за развој на софтвер, како што се GitHub Desktop, Cursor, VS Code и Google Antigravity. Потоа ги модифицира најчесто користените алатки за да извршуваат код контролиран од напаѓачите и да испорачуваат малициозен софтвер за кражба на информации (infostealer).
Важно е да се напомене дека PolinRider се смета за подгрупа (sub-cluster) која функционира паралелно со долготрајната кампања со кодно име Contagious Interview.
Додека Contagious Interview првенствено користи техники на социјален инженеринг како почетна точка за компромитирање на системите на програмерите, PolinRider го злоупотребува веќе добиениот пристап за да ги модифицира складиштата и да ги претвори во канали за дистрибуција на малициозен софтвер.

„Кибер-криминалните групи користат црви за напади врз синџирот на снабдување (supply chain worms) со цел опортунистичка кражба на податоци. Од друга страна, севернокорејските актери кои стојат зад државно спонзорираните сајбер-напади ги користат регистрите на софтвер со отворен код како примарен вектор за почетен пристап, насочувајќи се кон корпоративни системи“, соопшти Palo Alto Networks Unit 42 во извештај објавен минатиот месец.
„Актерите кои стојат зад овие закани покажуваат како компромитирањето на една корисничка сметка на одржувач (maintainer) или на одреден опсег во регистарот може да ги претвори зависностите од софтвер со отворен код во средство за напад, предизвикувајќи широко распространета компромитација на cloud-околини.“
Утврдено е дека некои од лажните веб-страници користат уште два алтернативни начини за дистрибуција на loader-от:
– Наведување на кандидатите да инсталираат екстензија за Google Chrome: Од кандидатите се бара рачно да инсталираат екстензија за Google Chrome (sideload), откако претходно ќе ја активираат опцијата „Developer mode“, со цел да се претплатат на известувања за нови работни позиции.
– Користење измамнички пораки од типот ClickFix: Жртвите се наведуваат да копираат и залепат злонамерни команди во терминалната апликација, во зависност од оперативниот систем, како дел од наводен „стандардeн пакет со поставки за кандидатите и процесот на интервјуирање“.
„Во рамките на апликацијата за работа се бара кратко видео за верификација“, соопшти StepSecurity. „Сè додека серверот не ја означи кандидатурата како кандидат со инсталиран „драјвер“, проверката на камерата секогаш не успева, при што се прикажува порака дека системот нема компатибилна камера.“
„Посебна страница на веб-локацијата, наречена „Technical onboarding“, обезбедува еднолиниска curl-команда за преземање на наводниот „драјвер“. Кај Windows, преземениот инсталер презема скрипта од веб-страницата за вработување, која го инсталира Node.js доколку тој недостасува, презема JavaScript payload, го извршува во заднина и потоа се самоуништува со бришење на сопствената датотека. Верзиите за macOS и Linux функционираат на истиот начин.“
JavaScript малициозниот софтвер е дизајниран да ги изврши следните чекори:
1. Читање на најновата трансакција поврзана со Ethereum паричникот (0xa322E5f3D311D3080e6f0121063e9aDC2490Ef1a).
2. Преземање на адресата на дестинацискиот паричник (0x67B38e9b67B38E9b68656c6C6f6970626f742121).
3. Двојно извлекување на адресата на C2 серверот (103.179.142[.]155) од првите осум бајти (67B38e9b и 67B38E9b) на адресата на паричникот, со користење техника позната како NullReceiver. Последните 12 бајти ја претставуваат ASCII-низата helloipbot!!.
4. Преземање на два payload-а преку IP-адресата, и тоа 0x/cls и 0x/ls, преку мрежната порта 443.

Најновите откритија на SafeDep покажуваат дека складиштата (repositories) се компромитираат со вметнување Python loader составен од 58 линии код. Тој го чита Ethereum паричникот (0x3b1574417524c11a7403c4b232CAcBb320CceBC6) за да извлече JavaScript-код, кој потоа воспоставува комуникација со втор паричник (0x1eEf0849EDa15d87f64e51C73C8442Cf3c8bCEF3). Целта е да ја добие адресата на дестинацискиот паричник поврзан со најновата трансакција (0x5F87b5545F87b55468656C6C6f6970626f742121), која потоа се користи за идентификување на C2 серверот (95.135.181[.]84).
Карактеристичен елемент на техниката NullReceiver е маркерот 68656c6C6f6970626f742121 во вештачки генерираната адреса на дестинацискиот паричник, кој постојано се декодира како текстуалната низа „helloipbot!!“.
„Скриптата /0x/cls се извршува двапати: еднаш со помош на eval во тековниот процес и еднаш во нов процес“, соопшти SafeDep. „Скриптата /0x/ls се извршува само во нов процес.“
Точната намена на овие payload-и сè уште не е позната. Сепак, во претходните бранови на нападите е забележано инсталирање малициозен софтвер за кражба на податоци (stealer), кој собира чувствителни податоци од околината, лозинки од прелистувачите, колачиња (cookies) и податоци од крипто-паричници.
Интересно е што адресата на паричникот 0x1eef0849eda15d87f64e51c73c8442cf3c8bcef3 била повторно користена од страна на напаѓачите и во други бранови на напади:
– Поставување компромитирани верзии на легитимни npm пакети: Меѓу нив се @adminide-stack/utils, @adminide-stack/health-api-server, @adminide-stack/user-activity-browser, @adminide-stack/forms-core, @adminide-stack/yantra-help-browser, server-hemera-mongo, cdeops, @cdmbase/wiki-browser и @pubngo-stack/help-browser. Овие пакети ја користат истата адреса на паричник за преземање на /0x/cls и /0x/ls од серверот 95.135.181[.]151.
– Лажна кампања за вработување преку HuntRole: Жртвите се убедуваат да завршат програмерска задача како дел од процесот на селекција. Во нападот се користи VS Code екстензија со име huntrole.assessment-tool, достапна преку Visual Studio Marketplace, за испраќање системски информации и преземање и извршување злонамерен JavaScript payload. Скриптата ја проверува истата адреса на паричникот за да ги преземе /0x/cls и /0x/ls од серверот 95.135.181[.]84.
– Злоупотреба на GitHub сметка со име „Eternity0207“: Преку оваа сметка биле отворени повеќе од 200 pull request-барања насочени кон проекти со отворен код, како AsyncAPI Generator, CircuitVerse и Open Food Facts. Потоа, преку force-push, бил поставуван изменет commit што содржел прикриен loader, кој ја користи истата адреса на паричникот за преземање на /0x/cls и /0x/ls од серверот 95.135.181[.]84.
Според еден од одржувачите на AsyncAPI Generator:
„Секојпат payload-от остануваше на гранката (branch) од 30 до 40 минути, по што беше отстрануван со force-push. На тој начин, конечниот приказ на промените (diff) изгледаше чисто.“
Неовластените измени овозможувале loader-от да се изврши кога програмер кој не се сомнева во нападот ќе ја стартува командата npm run build (во случајот со AsyncAPI Generator), ќе ја вчита тест-конфигурацијата (кај Open Food Facts) или ќе ја отвори папката во VS Code (кај CircuitVerse).
GitHub сметката во меѓувреме е суспендирана.
Според проценките на Apiiro, PolinRider е откриен во најмалку 7.609 GitHub складишта, во сопственост на 2.330 кориснички сметки, од кои најголем дел им припаѓаат на програмери. Меѓу засегнатите проекти се Neutralinojs, InstaWP Connect и fxhash.
Loader-от бил поставен во 2.040 складишта во периодот од 27 октомври до 6 ноември 2026 година.
„Црвот го користи украдениот пристап до GitHub за да ги измени commit-ите што програмерот веќе ги направил, притоа задржувајќи ги авторот, пораката и датумот. Потоа додава loader скриен по стотици празни места во конфигурациска датотека за build-процесот“, изјави истражувачот на Apiiro, Shmulik Cohen.
„Со самото компајлирање на проектот, loader-от се извршува. Во најновиот бран, доволно е само да се отвори папката во VS Code. Loader-от ја чита адресата на својот сервер од Ethereum паричник, така што исклучувањето на еден сервер не менува ништо: една трансакција е доволна за сите loader-и да се пренасочат кон следниот сервер.“

Овие откритија доаѓаат во време кога OpenSourceMalware соопшти дека открил напад поврзан со PolinRider од мај 2025 година, што значи дека нападот се случил осум месеци пред најраните досега документирани жртви.
Нападот бил насочен кон девет пакети, при што била злоупотребена компромитирана корисничка сметка на одржувач (maintainer) за поставување заразени верзии на пакетите во временски период од само 90 минути:
itsa-utils@1.4.2itsa-jsext@2.0.3itsa-react-docviewer@16.1.2itsa-cli@16.5.3itsa-react-button@16.0.11itsa-react-maskedinput@16.1.2itsa-react-checkbox@16.0.5itsa-react-focuscontainer@16.0.10itsa-react-input@16.1.2
Утврдено е дека секој од овие пакети ја користел техниката EtherHiding, претходник на NullReceiver, за преземање JavaScript преземач (downloader) наречен JADESNOW.
Потоа JADESNOW се користел за испорака на малициозниот софтвер InvisibleFerret — backdoor базиран на Python, кој се користи во кампањите Contagious Interview — заедно со RAT (Remote Access Trojan) базиран на Socket.IO и Python-базиран малициозен софтвер за кражба на податоци (stealer).
„Примерокот од 2025 година го содржи payload-от на PolinRider, но не и неговото документирано однесување за ширење. Тоа однесување се појавува во GitHub складиштата на истиот одржувач во четири временски интервали меѓу јануари и јули 2026 година“, соопштија истражувачите за безбедност Paul McCarty и Jenn Gile.
„Записите на блокчејнот покажуваат дека активностите на напаѓачите датираат уште од февруари 2025 година.“
„Најверојатно, инфекцијата опстојувала на компјутерот на одржувачот уште од 2025 година, бидејќи поставувањата во 2026 година биле извршени токму од тој систем. Ова се совпаѓа со документираната скрипта за ширење на PolinRider, која го враќа датумот наназад, го вметнува payload-от во најновиот commit и потоа врши force-push користејќи ги сопствените кориснички податоци за пристап на програмерот.“
Извори:
- The Hacker News – North Korea-Linked PolinRider Poisons Over 7,600 GitHub Repositories to Spread Malware The Hacker News