MKD-CIRT учествуваше на Western Balkans Cyber Camp 2026
Објавено: 12.05.2026
Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти – MKD-CIRT учествуваше на третото издание на Western Balkans Cyber Camp 2026, регионален настан посветен на зајакнување на сајбер-безбедносните капацитети, регионалната соработка и развојот на младите таленти во областа на сајбер-безбедноста.
Настанот се одржа од 8 до 10 мај 2026 година во Драч, Република Албанија, и обедини претставници на национални CSIRT/CERT тимови, институции, академската заедница, меѓународни организации, експерти и студенти од земјите од Западен Балкан.
Во рамките на настанот, ова година MKD-CIRT номинираше делегација од Северна Македонија составена од претставници на националниот CSIRT, академската заедница и студенти од:
- Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје;
- Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје.
Учеството на делегацијата овозможи размена на знаења и искуства, активно вклучување во регионалните дискусии и унапредување на соработката меѓу институциите, академската заедница и младите професионалци во областа на сајбер-безбедноста.

Согласно програмата, претставник на MKD-CIRT имаше активна улога во панел-дискусијата „Cyber Storms Ahead: Securing the Western Balkans in an Era of Escalating Digital Threats“, која беше посветена на зголемените дигитални закани во регионот, потребата од поголема сајбер-отпорност и зајакнување на заштитата на дигиталниот простор на Западен Балкан.


Програмата на Western Balkans Cyber Camp 2026 опфати панел-дискусии, експертски сесии, активности за вмрежување и практични вежби, вклучително и Hands-On Cyber Drill, преку кои учесниците имаа можност да стекнат практични знаења, да разменат искуства и да работат на сценарија поврзани со реални сајбер-безбедносни предизвици.
Учеството на MKD-CIRT на овој регионален настан претставуваше значаен придонес кон поддршката на младите кадри, јакнењето на националните сајбер-безбедносни капацитети и развојот на доверлива регионална соработка во областа на сајбер-безбедноста.
