ConnectWise предупредува дека нападите преку ScreenConnect продолжуваат, додека SCKit ги таргетира непоправените системи

ConnectWise во понеделникот соопшти дека ја завршила истрагата за неовластениот пристап насочен кон ScreenConnect околините на партнерите и им препорача на клиентите да се осигурат дека техничарскиот клиент ја користи верзијата 26.6.5 или понова.

Компанијата соопшти дека и понатаму се пријавуваат дополнителни напади насочени кон локално хостираните (on-premises) околини, во кои идентификуваните екстензии од трети страни сè уште се активни, а ScreenConnect не е ажуриран на најновата верзија.

„Партнерите што користат локално хостирани инсталации мора веднаш да ги оневозможат идентификуваните екстензии и да го ажурираат ScreenConnect на најновата поддржана верзија“, соопшти компанијата.

Вреди да се напомене дека верзијата 26.6.5 поправа критична безбедносна ранливост во ScreenConnect клиентот, означена како CVE-2026-84869 (CVSS оцена: 9.9). Ранливоста, под одредени околности, може да овозможи пренос и извршување датотеки преку активна далечинска сесија без овластување или потврда од Host страната.

Како што минатата недела истакнаа Huntress и Blackpoint Cyber, постои сомневање дека непознати хакерски групи ја искористуваат ранливоста во механизмот за автентикација на верзиите 1.0.31 и 1.0.32 на RMM+, за извршување неовластени команди и заобиколување на стандардните механизми за автентикација на ScreenConnect.

Утврдено е дека нападите инсталираат повеќекомпонентен сет алатки наречен SCKit, кој може да се шири од заразените уреди на клиентите кон компјутерите на MSP техничарите и да компромитира дополнителни управувани мрежи преку C# модул наречен RelayTrap („RelayTrap.cs“).

Поконкретно, малициозниот софтвер користи техника слична на црв (worm-like), при што ја искористува ранливоста CVE-2026-84869 за извршување злонамерен код на работната станица на техничарот кога тој ќе се поврзе со заразен уред за да истражи одреден проблем. Засега нема докази дека ваквото однесување, слично на компјутерски црв, било успешно реализирано во најновата кампања.

Huntress во меѓувреме соопшти дека на 13 ноември 2026 година открила нов нагол пораст на активностите поврзани со SCKit, при што биле погодени 205 хостови во рамки на 41 организација.

„Во текот на инцидентите забележавме дека новиот ScreenConnect клиент бил хостиран на IP-адресата 185.241.211[.]197, која е поврзана со 1337 Services GmbH, давател на bulletproof hosting услуги, познат по претходно хостирање злонамерен мрежен сообраќај“, соопшти компанијата.

„Во еден од инцидентите забележавме дека лажен ScreenConnect клиент воспоставил постојан пристап до системот (persistence) преку сервис наречен Windows Update Agent, претставувајќи се како легитимна системска компонента. Извршната датотека на сервисот (UpdateConnect.ClientService.exe) била поставена во C:\ProgramData\Windows Update Agent (de362a425905bcc4)\ и конфигурирана да работи со привилегиите на сметката LocalSystem.“

Како одговор на инцидентот, ConnectWise презела мерки за оневозможување на пет екстензии од трети страни, вклучувајќи ги Labtech Plus, RMM Plus, RMM+, RMM Plus Password Link и RMM+ Password Link, во 400 партнерски околини. Сепак, самото присуство на овие екстензии не значи дека тие околини биле компромитирани.

Компанијата, исто така, ги повикува партнерите да не ги активираат повторно или повторно да ги инсталираат екстензиите сè додека не добијат дополнителни упатства.

„Оневозможувањето на екстензиите и ажурирањето на софтверот не го отстрануваат неовластениот пристап или механизмите за одржување постојан пристап што можеби веќе биле воспоставени на погодените уреди“, додаде компанијата.

Извори:

  • The Hacker News – ConnectWise Warns ScreenConnect Attacks Continue as SCKit Targets Unpatched Systems The Hacker News
Преглед на приватноста
MKD-CIRT – Национален центар за одговор на компјутерски инциденти

Оваа веб-страница користи колачиња за да ви обезбеди најдобро можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се складираат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како препознавање кога се враќате на нашата веб-страница и им помагаат на нашите програмери да разберат кои делови од веб-страницата ви се најинтересни и најкорисни.

Строго неопходни колачиња

Строго неопходните колачиња треба да бидат овозможени во секое време за да можеме да ги зачуваме вашите поставки за колачиња.