Бекап (Backup)

Достапно на / Dispozicion në: Albanian (Albanian)

Заштити се на Интернет од МАЛВЕР!

РЕЗЕРВНА КОПИЈА НА ВАШИТЕ ПОДАТОЦИ (BACKUP)

Според последната анкета на MKD-CIRT, 50% од граѓаните не прават бекап и само 11% снимаат резервни копии од важните податоци најмалку еднаш неделно.

Размислете кои податоци се критични за вашето работење. Дали собирате и обработувате (лични) податоци за корисниците на вашите услуги и производи, или можеби евидентирате нарачки, фактури со банкарски сметки. Потоа размислете, колку долго би можеле да работите без нив.

Сите претпријатија и сите граѓани треба да прават резервни копии на важните податоци, да се осигурат дека овие резервни копии се чуваат на безбедно место, истите се ажурирани и од нив можат да се вратат назад податоците. Креирањето на резервна копија обезбедува да може да продолжите со работа во случај на инциденти и прекини во достапноста на оригиналните податоци, во случаи на поплава, пожар, физичко оштетување или кражба на опрема и документи. Резервни копии на вашите податоци што можете брзо и целосно да ги повратите се најдобра заштита од сајбер-напади со софтвер за уцена – „рансомвер” (анг. ransomware).

СОВЕТ 1: ИДЕНТИФИКУВАЈТЕ ГИ ПОДАТОЦИТЕ ЗА КОИ ТРЕБА ДА НАПРАВИТЕ РЕЗЕРВНА КОПИЈА

Најпрво идентификувајте ги податоците кои се важни за вашето работење и без кои вашата организација не може да функционира. Често тоа се фактури, испратници и други документи со финансиски, лични и чувствителни податоци. Направете копија од овие податоци на надворешен уред и чувајте го на безбедно место подалеку од уредите на кои се запишани оригиналните податоци и документи.

СОВЕТ 2: ЧУВАЈТЕ ЈА РЕЗЕРВНАТА КОПИЈА ПОДАЛЕКУ ОД РАБОТНОТО МЕСТО

Без разлика дали копијата е запишана на USB-стик, екстерен диск или посебен компјутер, ограничете го пристапот до нив така што:

  • резервните копии да не бидат достапни за други луѓе
  • уредите на кои тие се запишани, не се постојано поврзани (физички или преку локална компјутерска мрежа) на уредот на кој се наоѓаат оригиналните податоци

Доколку уредот за складирање каде е запишана резервната копија е постојано поврзан на локалната компјутерска мрежа, при инфекција со „рансомвер“ или друг вид малициозен софтвер („малвер“, анг. mal- ware), малверот може автоматски да се пренесе и на уредот за складирање. Ова значи дека секоја таква резервна копија може да биде инфицирана, оставајќи ве без можност да ги вратите податоците.

За поголема безбедност и отпорност, размислите за складирање на резервните копии на друга физичка локација, така што во случај на пожар или кражба нема да ја изгубите резервната копија. Решенијата за складирање во облак – cloud storage (види подолу) се економичен и ефикасен начин за да се постигне ова.

СОВЕТ 3: СКЛАДИРАЊЕ НА ПОДАТОЦИ ВО ОБЛАК

Голема веројатност е дека секојдневно користите услуги за складирање на податоци во облак. Доколку не користите ваш сопствен сервер за е- пошта, вашите електронски пораки се веќе „во облак“ и се запишани на сервер. Многу често контактите запишани на мобилниот телефон автоматски се запишуваат во облак, исто како и копија од комуникацијата преку апликациите како Viber, Messenger и WhatsApp.

Услугата за складирање на податоци во облак значи дека давателот на услуги ги чува вашите податоци на негова инфраструктура достапна преку Интернет. На тој начин податоците се физички одделени од вашата локација и се обезбедува складирање на податоци и обезбедување на веб- услуги без да инвестирате во скап хардвер. Дополнителна придобивка е високото ниво на достапност. Повеќето даватели на услуги за складирање на податоци во облак нудат бесплатен, но ограничен простор за складирање податоци, кој со доплата може да се зголеми.

СОВЕТ 4: ПРАВЕЊЕ БЕКАП КАКО ВАША СЕКОЈДНЕВНА АКТИВНОСТ

Решенијата за складирање преку мрежа или во облак овозможуваат автоматско правење на резервни копии без да поседувате напредни технички предзнаења. Автоматизираното правење резервни копии заштедува време и Ви гарантира дека секогаш ќе ги имате најновите верзиии на вашите документи.

Многу од овие решенија се лесни за инсталирање и прифатливи во однос на цената со оглед на заштитата на важните податоци што ја нудат. Анализирајте колкав капацитет Ви е потребен за складирање на резервната копија од важните податоци, без разлика дали снимањето ќе го правите во облак или локално на надворешен диск. При изборот на начинот на кој ќе ги запишувате податоците, многу важно е да утврдите кое е максималното време за враќање на податоците, т.е. со колку стари податпци можете да ги ре-креирате новите кои неповратно сте ги загубиле. Користете ја оваа информација како дополнителен критериум за избор на начинот на складирање на резервната копија од податоците.